Vedat Yücebaş
24 Ноември 2016•Ажурирај: 25 Ноември 2016
БУРСА (АА) – Претседателот на Федерацијата на сите румелиски здруженија (РУМЕЛИФЕД), Решат Чимсокен, во врска со предвремените парламентарни избори на 11. декември рече дека за една посилна и попросперитетна Македонија, потребно е заедничко дејствување на Албанците, Турците, Бошњаците и сите други муслимани, јавува Anadolu Agency (AA).
Чимсокен во изјава за АА ги изрази своите желби за формирање на една влада по овие четврти по ред предвремени парламентарни избори, којашто ќе придонесе државата да оствари економска, социјална и културолошка стабилност.
Тој нагласи дека како федерација не застануваат на страната на која било партија пред изборите и додаде оти посакуваат добар резултат за Македонија. Како што рече тој, резултатот ќе го почитуваат, каков и да е, и ќе продолжат да соработуваат со партнерите во државата во насока на зајакнување на односите меѓу двете држави.
Чимсокен потсети дека меѓу Турција и Македонија постои историска поврзаност: „Секогаш сме на страната на Македонија. Во изминативе месеци, по наредба на градоначалникот на Бурса, Реџеп Алтепе, дадовме сериозна поддршка за настраданите во поплавите. Ова го направивме без да очекуваме нешто за возврат“.
„Ние на Балканот гледаме како на наследство од предците. Не ги делиме балканските држави една од друга, ниту Македонија, ниту Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Романија, Грција, Хрватска и ниту една друга. Проблемите со кои се соочуваат овие држави и ние длабоко ги чувствуваме. На убавите случувања, пак, исто како нив се радуваме. За една посилна и попросперитетна Македонија, потребно е заедничко дејствување на муслиманите, Албанци, Турци и Бошњаци. Единствена желба ни е ова. Се надевам дека по изборите ќе се формира влада, која ќе има претставници од сите чинители што државата ќе ја водат кон убави денови“, истакна Чимсокен.