?????
04 Ноември 2015•Ажурирај: 07 Ноември 2015
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер упати честитки до турскиот премиер Ахмет Давутоглу по повод успехот на парламентарните избори одржани во Турција.
Во пораката Јункер пишува дека високата излезност на изборите во Турција и покрај тешката сигурносна ситуација, покажува живост на турската демократија. Нагласува дека Европската комисија е подготвена за соработка со новата турска влада во сите области кои ќе бидат во интерес на граѓаните.
„Посебно очекуваме да направиме конкретни чекори кога е во прашање имплементацијата на акциониот план на ЕУ и Турција, кој го поздрави и Европската комисија“, порача Јункер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Честитки до Давутоглу стигнаа и од највисоките официјални личности на Пакистан, претседателот Мамнун Хусеин и премиерот Наваз Шариф, потоа палестинскиот претседател Махмуд Аббас, грчкиот премиер Алексис Ципрас и други...
Потсетуваме, во Турција во неделата, 1 ноември, беа одржани предвремени парламентарни избори на кои, според прелиминарните резултати по завршувањето на броењето на гласовите, Партијата на правдата и развојот (АК Партија) извојува убедлива победа освојувајќи 49,48 проценти од гласовите, односно 317 пратенички места во Парламентот кој брои вкупно 550 места.
Најсилната опозициска Републиканска народна партија (CHP) освои 25,31 проценти од гласовите, односно 134 пратенички позиции во Парламентот.
Прокурдската левичарска Народна демократска партија (HDP) освои 10,75 проценти од гласовите и ќе добие 59 места во Парламентот, односно Големото народно собрание на Република Турција. И опозиционата Партија на националното движење (MHP) го помина изборниот праг и освои 11,9 проценти од гласовите, кои и гарантираат 40 пратенички места во Парламентот. Останатите 12 политички партии не го поминаа изборниот праг од 10 проценти.