Melike Pala
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Околу 40 летови беа откажани денес на аеродромот „Шарлроа“ во Белгија, а утре се очекуваат нови откажувања, додека штрајкот на контролорите на летање продолжува да го нарушува воздушниот сообраќај, јавува Анадолу.
На официјалната веб-страница на аеродромот веќе се наведени околу 10 откажани поаѓања за утре, а се очекува бројот да се зголемува во текот на денот.
Аеродромот потврди дека првиот бран откажувања за утре наутро е финализиран, при што се планира да бидат откажани 18 лета, објави франкофонскиот радиодифузер РТБФ.
„Веќе може да потврдиме откажувања за утре. Ништо не укажува дека утре наутро нема да бидеме блокирани до 8 часот изутрина, а потоа повторно од 22 часот навечер“, изјави директорот за операции на аеродромот, Никола Шарлотo.
Утринава беа откажани девет појдовни и девет дојдовни лета, а вечерта се очекуваше да бидат откажани уште 12 поаѓања и 12 пристигнувања.
Нарушувањата се поврзани со штрајкот на контролорите на летање што работат на аеродромот „Шарлроа“, а кои ќе штрајкуваат од 22 часот навечер до 8 часот изутрина, во периодот од 16 септември до 10 октомври.
Според синдикатите, контролорите бараат додатокот за ноќна работа да биде изедначен со оној на нивните колеги на аеродромот во Лиеж.
„Скејс“, белгиски оператор за контрола на воздушниот сообраќај, се спротивстави на барањето, наведувајќи дека предложеното зголемување би значело раст од 160 отсто.