Burç Eruygur, Elena Teslova
18 Август 2026•Ажурирано: 18 Август 2026
Азербејџан денес го повика рускиот амбасадор во Баку во знак на протест поради, како што ги опиша, неодамнешните „провокативни, навредливи и заканувачки“ изјави насочени кон земјата, нејзиниот народ и раководството во руските медиуми и информативниот простор, јавува Анадолу.
Во соопштението азербејџанското Министерство за надворешни работи наведе дека вниманието на амбасадорот Михаил Евдокимов особено било насочено кон изјавите за кои Баку смета дека биле упатени против земјата и нејзиното раководство за време на емисијата минатата недела „во рамките на проектот 'Чистота пониманија'“.
„Дополнително беа потсетени на емисијата емитувана на радиото 'Спутник' на 7 август, за апсурдните тврдења во врска со вклучувањето на азербејџанското раководство на 'руската листа на терористи и екстремисти', како и повторно изнесените провокативни ставови на телевизискиот канал 'Спас' на 16 август против азербејџанското раководство“, се наведува во соопштението.
Министерството истакна дека дискусиите за можно мешање во внатрешните политички процеси на Азербејџан, како и повиците за физичко насилство против земјата и нејзиното раководство, се „неприфатливи“.
Се додава дека и покрај повеќекратните повици на Баку за спречување на ваквите активности и разгледувањето на прашањето на различни политички нивоа, продолжувањето на таквата реторика во сè поостра форма е „причина за сериозна загриженост“.
„За време на средбата на руската страна повторно ѝ беше пренесено нашето очекување да преземе итни и ефикасни мерки за запирање на провокациите, заканите и насилничката реторика против Азербејџан во информативниот и медиумскиот простор“, се додава во соопштението.