Saadet Gökce
27 Јули 2026•Ажурирано: 27 Јули 2026
Сомнителна импровизирана експлозивна направа е пронајдена во близина на зградата на филипинскиот Сенат во Пасај денес, пред закажаното обраќање на претседателот Фердинанд Маркос Јуниор за состојбата на нацијата, јавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Специјалната безбедносна единица на Сенатот го открила сомнителниот предмет за време на рутинската инспекција околу 8 часот наутро по локално време, објави Еј-би-ес – Си-би-ен њуз (ABS-CBN News).
Единицата побарала тим за отстранување на експлозивни направи од полицијата во Пасај, кој подоцна ја неутрализирал сомнителната направа, соопшти радиодифузерот.
Властите го истражуваат инцидентот.
Претходно денес експлозија, наводно предизвикана од импровизирана експлозивна направа, се случила во близина на влезот во Министерството за правда во Манила.
Министерството за правда соопшти дека нема жртви.
Единицата за отстранување експлозивни направи на Филипинската национална полиција реагираше на местото на настанот спроведувајќи технички преглед.
„Истрагата е во тек за утврдување на изворот, природата и околностите околу експлозијата“, соопшти Министерството, додавајќи дека ситуацијата е под контрола и дека комплексот на Министерството за правда е безбеден.
Според Филипинската новинска агенција, околу 20.000 полицајци требало да бидат распоредени за одржување на „мирот и редот“ за време на петтото обраќање на Маркос за состојбата на нацијата во Кезон Сити.