Melike Pala
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Белгиската авиокомпанија „Брисел ерлајнс“ пријави загуба во првите шест месеци од 2026 година од 70 милиони евра, наведувајќи ги како причини повисоките трошоци за гориво, епидемијата на ебола во Источна Африка и нарушувањата предизвикани од штрајковите, јавува Анадолу.
Загубата претставува пад од 50 отсто во однос на истиот период минатата година и покрај растот на бројот на патници и приходите.
Во првите шест месеци од годината авиокомпанијата превезла 4,5 милиони патници на 34.200 летови, што е зголемување од 8,1 процент, односно 5,5 во споредба со истиот период лани.
Компанијата соопшти дека нестабилноста на Блискиот Исток довела до раст на цените на нафтата, што ги зголемило трошоците за гориво за 64 милиони евра во споредба со првата половина од 2025 година.
Дополнително, епидемијата на ебола во делови од Источна Африка ја намалила побарувачката за патувања и создала оперативни предизвици поради проблеми со распоредот на екипажите и ограничувањата за патување.
Штрајковите и протестите во Белгија, вклучително и нарушувањата во работењето на аеродромот во Брисел и прекинот на работата на белгиските контролори на летање, исто така, ја намалиле заработката за околу 3 милиони евра, соопшти авиокомпанијата.
Во однос на 2027 година, „Брисел ерлајнс“ најави дека ги запира плановите за додавање уште два авиона „Ербас А330“ во својата флота за долги летови, со што бројот на овие авиони ќе остане 11. Како причини се наведуваат пониската профитабилност од очекуваната, повторните штрајкови во Белгија и геополитичката неизвесност.