İlyas Tayfun Salcı
22 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
ЛОНДОН (АА) - Британските медиуми тврдат дека саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман пет месеци пред убиството на новинарот Џамал Кашоги го хакирал мобилниот телефон на сопственикот на весникот „Вашингтон пост“, за кој работеше и свирепо убиениот Кашоги, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Повикувајќи се на сведочењето на експертите кои ја истражувале таа тема, весникот „Гардијан“ пишува дека Бин Селман со помош на пратена видеопорака го хакирал приватниот мобилен телефон на Џеф Безос, сопственикот на весникот „Вашингтон пост“ и порталот за трговија „Амазон“.
Експертите тврдат дека е голема веројатноста видеопораката што Бин Селман му ја испратил на Безос преку апликацијата „Ватсап“ да содржела штетни кодови.
Во текстот понатаму се наведува дека станува збор за видеопорака што Безос ја примил на 1 мај 2018 година и дека потоа од неговиот телефон бил симнат поголем дел од содржината.
„Гардијан“ понатаму наведува дека пет месеци по хакирањето на телефонот на Безос бил убиен новинарот Кашоги, а девет месеци потоа весникот „Нешнал енквајрер“ („National Enquirer“) започнал да објавува вести за деталите од приватниот живот на Безос. Истиот извор тврди дека принцот Бин Селман бил близок со сопственикот на весникот „Нешнал енквајрер“, Дејвид Пекер.
Експертите кои зборуваа за „Гардијан“, понатаму тврдат дека принцот Бин Селман со таквите напади на Безос најверојатно се обидел да ги спречи критиките кои на негова сметка ги објавува „Вашингтон пост“ и дека тоа ќе предизвика турбуленции од Вол стрит до Силиконската долина.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“, е убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот Конзулат во Истанбул.
По повеќедневно негирање, властите на Саудиска Арабија признаа дека Кашоги е убиен, а дополнително судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни за петмина обвинети. Уште тројца обвинети добија затворски казни со вкупно трање од 24 години. Блиските соработници на принцот Бин Селман се ослободени од сите обвиненија.
Комесаријатот за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) во извештај на 101 страница тврди дека убиството на Кашоги е чин кој Саудиска Арабија го извршила со предумисла. Во извештајот се наведува дека постојат докази за неопходноста од спроведување на истрагата за вмешаност на највисоките саудиски официјални претставници во тоа убиство, вклучувајќи го и принцот Бин Селман.