Şenhan Bolelli
19 Јануари 2024•Ажурирај: 24 Јануари 2024
МАДРИД (АА) - Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес смета дека постои „непосредна и алармантна опасност“ израелските напади врз Хамас во Појасот Газа и на Западниот брег да се прошират и врз другите земји во регионот, што би „било целосна катастрофа“, известува Анадолу.
„Постоечкиот ризик судирот меѓу Израел и Хамас да се прошири во регионот е многу непосреден ризик и тоа е она што многу ме загрижува. Според актуелната ситуација, со бројот на убиени палестински цивили и според она што го видовме последните недели, тоа е апсолутно неподнослив судир. Мора веднаш да се прекине. Затоа сакаме моментален и траен прекин на огнот“, рече Албарес во изјава за шпанското државно радио „RNE“.
„Доколку судирот се прошири на Либан, кој е веќе многу кревка земја од војните, тоа би била потполна катастрофа“, истакна Албарес.
Напоменувајќи дека постои опасност од проширување на судирите и во другите земји, како што се Јемен или Ирак, шефот на шпанската дипломатија порача:
„Разговарав со иранскиот министер за надворешни работи и го замолив да поработи на тоа да секој кој има директен контакт со Хезболах или која било друга група, вклучувајќи го и Хамас, да придонесе за мирот и стабилноста на Блискиот исток.“
Албарес рече дека на состаноците со своите колеги од сите земји во регионот, вклучувајќи го и Израел, ја истакнувал важноста за „траен мир“ и дека по прекинот на огнот треба да се воспостави реална и остварлива палестинска држава.
„Како што секогаш говорам, надежта на палестинскиот народ е палестинска држава. Тоа е тесно поврзано со безбедноста на Израел и стабилноста на Блискиот исток. Државата Палестина значи дека Газа и Западниот брег се под единствена палестинска управа. Тоа е меѓусебно поврзана држава со излез на море и главен град Источен Ерусалим“, порача Албарес и додаде:
„Никогаш нема да потклекнам пред реториката дека Блискиот исток треба да биде синоним за војна.“
Потенцираше дека Шпанија сака да воспостави добри односи со Израел и дека израелскиот народ го гледаат како пријател на Шпанија, но дека никогаш нема да го замолкне својот глас во одбрана на палестинските цивили.