Eshat Fırat
18 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
УМ ЕЛ ФАМ (AA) - За мене затворот е извор на сила. Затворот претставува симбол дека слободни живееме, дека слободни ќе живееме, а исто така слободни ќе умреме, порача во ексклузивното интервју за Anadolu Agency, лидерот на Палестинското движење 1948, шејхот Раид Салах, кој по девет месеци затвор, вчера е пуштен на слобода.
По неговото пуштање од затвор, организиран е церемонијален дочек во неговиот роден град, Ум ел Фам. Во ексклузивниот разговор за АА, Салах се присети на деветмесечниот престој во затворот.
„Поминав девет месеци во затворот ,Рамон', на југот од нашата територија, недалеку од Газа. Тоа е затвор во кој е забрането да се разговара со кој било затвореник, забрането е да се подаде рака кому било, да се земе или да се даде некому храна. Едноставно, сѐ е забрането. Таму сте сосема сам“, се зборовите со кои Салах ја започна својата приказна.
Тој вели дека престојот во самица е еден вид мачење, со кое на затвореникот му се дава на знаење дека е целосно сам на овој свет.
„Всушност тоа е метод на целосна изолација на човекот од светот во кој се наоѓа. Таквата атмосфера е тешко поднослива за затвореникот“, вели Салах.
Тој истакнува дека Израел не само што го казнил него, туку истовремено го казнил и неговото семејство, со оглед на фактот што затворот во кој ја служел казната бил далеку од неговиот дом. Со тоа биле отежнати посетите на неговото семејство.
Салах додава дека единствената можност за комуникација во затворот бил прозорецот од самицата во која престојувал и на тој начин успевал да разговара со останатите затвореници.
За останатите палестински затвореници кои ги запознал на тој начин кажа колку се силни и дека сите исправено стојат.
„Преку прозорецот од ќелијата разговарав со многу затвореници од Западниот Брег, од Газа. Тоа се затвореници кои деветпати се осудени на доживотен затвор. Некои од нив се таму веќе 14 години. Разговарав со нив. Иако соочени со голем предизвик и напори, нивниот морал и волја се сосема силни. Ништо не изгубиле од својата исламска и национална свест. Тие се на нозе и исправени како планини“, вели Салах.
Тој додава дека во текот на престојот во затворот не бил изложен на директно мачење и злоупотреба, но сепак бил под голем притисок.
„Немаше физичка злоупотреба. Но поминавме низ сериозни испитувања, кои траеа со часови. Тие испитувања беа методи на мачење“, вели Салах.
Откако е соопштено дека на 12. јануари ќе биде пуштен на слобода, најавено е дека против Салах се подготвува ново обвинение, во кое тој се обвинува за поттикнување насилство и за членство во забранета организација.
Салах кажа како сето тоа е една голема глупост.
„Во текот на испитувањето во затворот ме прашаа зошто сум им зборувал на муслиманите да дежураат во Месџидул Акса. Им кажав дека тоа е нешто од кое никогаш нема да се откажеме. И порано повикував на тоа, и во иднина ќе повикувам. Исто така, им порачав дека никогаш нема да ме исплашат со своите глупости, ниту ќе ме одвлечат од мојот пат“, истакна Салах.
Салах се осврна и на обидот за државен удар во Турција, во текот на кој престојувал во затворот.
„Му благодарам на Алах што ги засрами оние што се обидоа да извршат евтин државен удар во Турција. Му благодарам што ги соедини срцата на турскиот народ и на лидерите, и што му помогна на народот да го спречи обидот за државен удар“, вели Салах.
Тој додаде дека на некој начин успеал да добие информации за случувањата во Турција, во средината на минатата година, и дека тогаш единствено можел да упати молитва. Тој се молел лицемерните намери кон Турција да бидат безуспешни.
„Таа ноќ ги слушнав зборовите на турскиот претседател Ердоган, кој го повика народот да излезе на улиците. Господ секогаш да ја чува Турција, која ќе биде на темелите на правдата“, рече Салах, порачувајќи дека многу ја сака Турција и нејзиниот лидер, и дека себеси се смета за дел од Турција, а пак Турција за дел од себе.
Израелскиот суд на 18. април 2016 година го осуди шејхот Раид Салах на девет месеци затвор, бидејќи наводно поттикнувал омраза во своето обраќање на петочното предавање, пред девет години. Салах од мај минатата година престојуваше во затвор, во самица.