Diyar Güldoğan
08 Април 2026•Ажурирај: 08 Април 2026
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел го поддржува потегот на американскиот претседател Доналд Трамп, но нагласи дека прекинот на огнот не важи за операциите во Либан, јавува Анадолу.
Од Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес е соопштено дека Израел ја поддржува одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на воените напади врз Иран во период од две недели.
„Израел ја поддржува одлуката на претседателот Трамп за прекин на нападите врз Иран на две недели, под услов Иран веднаш да го отвори теснецот и да ги запре сите напади врз САД, Израел и земјите во регионот“, се наведува во соопштението објавено на американската компанија за социјални медиуми Х.
Вчера Трамп објави дека се согласил „да ги прекине бомбардирањата и нападите врз Иран во период од две недели“.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој одигра клучна улога како посредник во постигнувањето на прекинот на огнот, преку објава на социјалната мрежа Х соопшти дека ги поканил иранските и американските делегации во Исламабад овој петок. Шариф истакна дека Вашингтон и Техеран, заедно со нивните сојузници, се согласиле на итен прекин на огнот во сите конфликтни зони, вклучително и Либан.
Сепак, Кабинетот на Нетанјаху јасно дефинираше дека двонеделниот прекин на огнот „не го вклучува Либан“.
„Израел, исто така, ги поддржува напорите на САД да осигурат дека Иран повеќе нема да претставува нуклеарна, ракетна и терористичка закана за Америка, Израел, арапските соседи на Иран и за светот“, се додава во соопштението.
Израел спроведува воздушни напади и копнена офанзива врз Јужен Либан по прекуграничниот напад на Хезболах на 2 март и покрај прекинот на огнот што стапи на сила во ноември 2024 година.
Според податоците на Министерството за здравство, бројот на загинати во израелските напади од 2 март досега се искачи на 1.497 лица, а 4.639 се повредени.
Од почетокот на март Хезболах истрела голем број ракети кон Израел, тврдејќи дека нападите се одговор на континуираните израелски дејства во Либан, како и на убиството на тогашниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, во заедничкиот американско-израелски воздушен напад на 28 февруари.