Ikrame Imane Kouachi
22 Септември 2024•Ажурирај: 23 Септември 2024
АЛ-КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Поранешниот шеф на израелската разузнавачка агенција Мосад ја обвини владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека ѝ дава приоритет на одмаздата пред животите на израелските заложници во Појасот Газа, известува Анадолу.
Тамир Пардо, кој беше директор на Мосад во периодот од 2011 до 2016 година, рече дека владата требало да ја прифати понудата на Хамас за размена на затвореници на 8 октомври 2023 година.
„Израел, сепак, избра одмазда иако знаеше дека сите заложници не можат да бидат ослободени со воена офанзива“, додаде Пардо во денешното интервју за израелскиот медиум „Сругим“.
Пардо рече дека израелската влада е свесна дека некои од заложниците би можеле да бидат убиени во нејзините тековни бомбардирања на Појасот Газа.
„Меѓутоа, на Владата тоа не и пречеше. Повеќе се залагаше во започнување кампања со која ќе ја убеди јавноста во лажната приказна за апсолутна победа. Наместо да се одмазди, владата требаше да постигне договор прво да обезбеди ослободување на заложниците, а потоа да ги исполни воените цели“, додаде Пардо.
Индиректните преговори за прекин на огнот и размената на заложници меѓу Тел Авив и Хамас достигнаа критична фаза, бидејќи Нетанјаху останува посветен на продолжувањето на војната во Газа и контрола на клучните коридори во јужниот и централниот дел на Појасот Газа, како што се коридорите Филаделфија и Нецарим.
Хамас, од друга страна, бара целосно израелско повлекување од Појасот Газа и враќање на раселените без ограничувања.
Израел во моментов држи најмалку 9.500 Палестинци во затвор, додека се проценува дека околу 101 Израелец се во Појасот Газа. Хамас информираше дека десетици заложници биле убиени во израелските бомбардирања.
Израел ја продолжи својата брутална офанзива врз Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) со која се повикува на итен прекин на огнот.
Според локалните здравствени власти, во израелските бомбардирања и гранатирања на Појасот Газа убиени се околу 41.400 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 95.700 се повредени.
Израел се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во Појасот Газа.