Rania R.a. Abushamala
30 Јули 2026•Ажурирано: 30 Јули 2026
Ирак денес соопшти дека сѐ уште не се презентири никакви докази со кои би се потврдило дека нападите врз саудиска територија биле извршени од неговата земја, јавува Анадолу.
„Ниедна страна досега не достави докази што го потврдуваат тоа“, изјави Сабах ал-Нуман, портпарол на премиерот, за Ирачката новинска агенција (ИНА).
Тој побара „докази и аргументи во врска со тврдењата дека нападите биле извршени од Ирак“.
Неговите изјави следуваа откако Саудиска Арабија објави дека нападот врз нафтените постројки во кралството потекнува од ирачка територија.
„Безбедносните служби во моментов подготвуваат сеопфатен план за да спречат повторување на нападите и целосно да го зачуваат суверенитетот на Ирак“, рече Ал-Нуман.
„Официјалните безбедносни сили се исклучиво одговорни за безбедносниот сектор и нема да дозволат никакво оружје надвор од рамките на државата“, додаде тој.
„Владата нема да дозволи какви било поединечни акции однатре во земјата и во исто време нема да прифати каков било надворешен напад преку границите“, рече тој.
Ал-Нуман посочи дека посетата на премиерот и врховен командант Али ал-Заиди на штабот на Народните мобилизациски сили, каде што бил информиран за нападите врз нивните припадници во неколку провинции, потврдила дека групата е „неотуѓив дел од националниот одбранбен систем“.
Соопштението е дадено по прецизните напади во вторник вечерта од страна на американските и саудиските сили врз цели поврзани со групи во Ирак што се поддржани од Иран. Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека операцијата била насочена кон локации поврзани со нападите врз американските сили и саудиската енергетска инфраструктура.
Саудиска Арабија соопшти дека нападите биле извршени во самоодбрана според член 51 од Повелбата на ОН по нападите извршени од ирачка територија врз нафтените постројки на кралството. Ријад предупреди дека ќе преземе дополнителни воени мерки доколку групата поддржана од Иран изврши нови напади.
Народните мобилизациски сили, коалиција од претежно шиитски вооружени групи поддржани од Иран, потврдија дека во нападите биле погодени неколку нивни штабови, при што загинале најмалку 20 припадници, 32 биле повредени, а предизвикана е и голема материјална штета.
Иран ги осуди овие напади, велејќи дека тоа претставува прекршување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак.