Mohammad Sio
16 Јули 2026•Ажурирано: 16 Јули 2026
Иран денес го осуди американскиот напад во близина на детската болница за канцер во југозападниот град Ахваз како „варварски напад“, велејќи дека тој предизвикал итна евакуација на 211 педијатриски пациенти болни од канцер, јавува Анадолу.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Бакаи, изјави дека болницата „Шахид Бакаи“, специјализиран центар за деца болни од канцер, била евакуирана синоќа откако во американски напад била погодена блиска локација.
Опишувајќи го настанот како „варварски напад“, Бакеи рече дека тој „предизвикал сериозни тешкотии и вознемиреност“ кај хоспитализираните деца, како и итна евакуација на 211 пациенти што биле подложени на хемотерапија.
Исто така, тој го опиша нападот како „кукавичко воено злосторство“ против децата и го спореди со израелските напади врз здравствените установи.
„Оние што непрекинато проповедаат за човековите права, а сепак намерно затвораат очи пред нападите врз болниците и здравствените центри, го изгубија секое право да зборуваат за морал“, додаде тој.
Вчера иранската новинска агенција Мехр објави дека во американските напади е погодена локација во близина на болницата, што довело до евакуација на децата што примаат терапија за канцер.
Изјавите се дадени во време на ескалација на тензиите меѓу САД и Иран околу Ормускиот Теснец, при што двете страни разменуваат напади и покрај меморандумот за разбирање потпишан со посредство на Пакистан, чија цел е да се стави крај на конфликтот и да се постигне траен мировен договор.