Ahmet Salih Alacaci, Muhammed Yasin Güngör
20 Април 2026•Ажурирај: 20 Април 2026
Иранските вооружени сили вчера извршија напади со беспилотни летала врз неколку американски бродови како одмазда поради дејствата на американските сили што пресретнаа и отворија оган врз ирански брод, пренесува Анадолу.
Полудржавната новинска агенција „Тесним” извести дека по упадот на американските сили на контејнерскиот брод „ТУСКА“ во Оманскиот Залив, биле лансирани ирански беспилотни летала врз американски пловила, притоа не прецизирајќи дали целите биле воени или комерцијални.
Претходно Иран потврди дека американските сили го заплениле иранскиот брод и вети дека наскоро ќе се одмазди за тој потег, кој го оквалификува како кршење на двонеделниот прекин на огнот постигнат со посредство на Пакистан, а кој во голема мера се почитуваше по неговото објавување на 7 април.
Полудржавната новинска агенција „Фарс“ пренесе соопштение од Централниот штаб „Хатам ал-Анбија“ во кое се наведува дека американските сили нишанеле кон пловилото, го онеспособиле неговиот систем за навигација и извршиле упад, опишувајќи го како прекршување на договорот за прекин на огнот.
Податоците за следење на бродови покажуваат дека бродот „ТУСКА“ испловил од пристаништето Кланг во Малезија на 12 април.
Портпаролот на иранската војска, Ебрахим Золфагари, изјави дека американските сили отвориле оган кон пловилото пред да влезат во него.
Инцидентот првично е објавен од американскиот претседател Доналд Трамп, а подоцна и потврден од Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), од каде што соопштија дека разурнувачот „УСС Спруанс“ го пресретнал товарниот брод под иранско знаме, кој се обидел да ја пробие поморската блокада на САД во Оманскиот Залив.
Според ЦЕНТКОМ, припадниците на маринските сили и понатаму го држат пловилото под американска контрола. Во соопштението се наведува дека бродот бил упатен кон иранското пристаниште Бандар Абас.
ЦЕНТКОМ, исто така, објави видеоснимка на американската платформа за социјални медиуми Х, на која се гледа како американски воен брод упатува предупредување до пловилото пред да отвори оган.
Золфагари изјави дека „агресивните Соединети Американски Држави, со прекршување на прекинот на огнот и вршење поморско пиратство, нападнаа еден од иранските бродови откако претходно го онеспособија неговиот систем за навигација“.
Тој додаде дека американските сили извршиле упад на пловилото по распоредувањето „голем број маринци терористи“ на него.
„Предупредуваме дека иранските воени сили наскоро ќе одговорат и ќе се одмаздат за овој вооружен чин на пиратство од страна на американската војска“, изјави тој.