İlayda Çakırtekin
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Мисија на ОН за утврдување факти денес соопшти дека постојат разумни основи за верување оти САД извршиле воени злосторства за време на воздушните напади врз Иран, при што биле убиени цивили, биле повредени лица и биле оштетени цивилни објекти во земјата, јавува Анадолу.
Независната меѓународна мисија за утврдување факти за Иран објави извештај во кој се наведува дека постојат разумни основи за верување оти САД извршиле воени злосторства „за време на два воздушни напада во кои биле убиени најмалку 178 цивили, меѓу кои жени и деца“.
Мисијата наведе дека воените злосторства опфаќале „извршување неселективни напади што резултирале со загуба на животи или повредување цивили или оштетување цивилни објекти“ за време на американските и израелските напади во февруари.
Во извештајот се наведуваат напад со ракети „Томахавк“ врз основно училиште во Минаб, во кој загинале повеќе од 150 лица, како и друг воздушен напад во кој биле употребени прецизни ракети што расфрлале облаци од волфрамски проектили над спортски комплекс и станбена област во Ламерд, при што загинале 22 цивила.
„Цивилите во Иран се најдоа меѓу тешките прекршувања на човековите права и злосторствата против човештвото извршени од сопствената Влада и смртоносниот конфликт на земјата со Соединетите Американски Држави и Израел“, соопшти мисијата.
Во извештајот, исто така, се заклучува дека „насилната репресија“ на иранската Влада врз протестите во 2025-2026 година претставувала невидена ескалација во однос на претходните задушувања на протести, со „широка употреба на смртоносна сила што резултирала со масовни убиства и повредувања, како и голем број апсења“.
Мисијата ја критикуваше и одлуката на иранската Влада во јануари да воведе национален прекин на интернетот и комуникациите, во периодот кога протестите биле во најголем интензитет.
Мисијата „ги повика Иран и САД веднаш да престанат со сите прекршувања и злосторства, да обезбедат целосна отштета за жртвите и да гарантираат дека тие нема да се повторат“.
Таа, исто така, повика на „итен прекин на непријателствата, обновување на дипломатските активности од страна на сите земји членки за постигнување траен мир и одговорност на трети држави преку универзална јурисдикција“.