Şeyma Erkul Dayanç
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Во Франција, во текот на 2025 година, починале најмалку 929 бездомници, покажуваат прелиминарните податоци на хуманитарното здружение „Мртви на улицата“ (Les Morts de la Rue), јавува Анадолу.
„Бројот продолжува да се зголемува од година во година“, изјави Адел Ленорман, членка на здружението, нагласувајќи дека во 2024 година биле регистрирани 912 смртни случаи.
Од здружението соопштија дека бројката се заснова врз податоци собрани до средината на април и дека сè уште не е конечна.
Статистиката ги опфаќа луѓето што живееле на улица и оние што престојувале во привремени сместувачки објекти, се наведува во соопштението.
Здружението предупреди дека годишниот биланс би можел да надмине 1.000 лица доколку овој тренд продолжи.
Просечната старост на починатите била околу 50 години, при што се регистрирани случаи на доенчиња, па сè до стари лица, наведуваат од здружението.
Оттаму посочуваат дека 83 отсто од починатите биле мажи, а меѓу жртвите имало и деца и тинејџери.
Од здружението нагласуваат дека овие бројки ги разоткриваат долгогодишните пропусти во станбената политика, како и лошото водење статистика за бездомништвото во Франција.
Денес во Париз се одржува комеморативен настан на кој се читаат имињата на починатите.