Sümeyye Dilara Dinçer
31 Октомври 2023•Ажурирај: 01 Ноември 2023
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Туркије соопшти дека најостро го осудува израелскиот напад на болницата на Турско-палестинското пријателство во Газа, пренесува Анадолу.
„Најостро го осудуваме нападот што Израел го изведе врз болницата на Турско-палестинското пријателство во Газа. Нема оправданост за таков напад. Претходно на израелската власт ѝ се поделени сите информации, вклучително и координатите на оваа установа, која е единствена болница за пациентите заболени од рак во Газа“, се вели во соопштението на турското МНР.
„Опсадата и овие нехумани напади, кои имаат цел на палестинскиот народ во Газа да му ги одземат најосновните права, јасно го кршат меѓународното право“, истакнуваат од турското МНР.
Во соопштението се порачува дека Израел треба да престане да ги бомбардира жителите на Газа.
Израелските борбени авиони директно ја погодија болницата на Турско-палестинското пријателство во Појасот Газа, предизвикувајќи голема штета, соопшти вчера директорот на болницата, д-р Субхи Скаик.
„Израелските борбени авиони го бомбардираа третиот кат од болницата на Турско-палестинското пријателство, единствената болница во Газа за пациентите кои боледуваат од рак“, рече д-р Скаик.
Тој додаде дека израелското бомбардирање „предизвикало голема штета, бидејќи бомбардирањето предизвикал пожар.“
Во претходните соопштенија беше наведено дека израелската војска изминатите денови повеќепати бомбардирала подрачја во близина на болницата.
Владата ан Туркије ја финансираше изградбата на болницата во периодот од 2011-2017. Овој објект стана најголема болница во Палестина со површина од 34.800 квадратни метри, на шест ката и со капацитет од 180 легла.