Merve Berker
27 Август 2026•Ажурирано: 27 Август 2026
Калид Шеик Мохамед, кој е обвинет како главен организатор на терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година, заедно со тројца други негови соработници, треба да се појави на суд на 5 јуни 2028 година, објавија вчера медиумите, пренесува Анадолу.
Американскиот воен судија, потполковник Мајкл Шрама, го одбил барањето на Обвинителството постапката да почне во 2027 година, објави „Фокс њуз“.
Шрама одлучил дека предложениот датум за почеток на судењето, 11 јануари 2027 година, не овозможува доволно време за решавање на отворените прашања пред судењето.
„Реалниот датум за почеток на судењето мора да ги земе предвид разгледувањето и решавањето на предсудските барања поврзани со доказите и усогласеноста со процедурите“, објави „Фокс њуз“, цитирајќи го Шрама.
Мохамед и тројцата соработници се наоѓаат во Гвантанамо Беј од 2003 година поради нападите во кои загинаа речиси 3.000 луѓе.
Според распоредот утврден со судска одлука, изборот на поротата ќе почне на 5 јуни 2028 година, а воведните излагања треба да почнат 30 дена откако ќе бидат избрани членовите на воената комисија.
Со одлуката, исто така, се утврдуваат рокови за изнесување на доказите, поднесување на барањата на одбраната, постапките за побивање и завршните зборови.
Одлуката следува по долгогодишни правни спорови, вклучително и неуспешен обид случајот да се реши преку спогодби за признавање вина.
Во 2025 година федерален апелациски суд пресуди дека тогашниот секретар за одбрана Лојд Остин имал овластување да ги повлече спогодбите за признавање вина, со кои на Мохамед и на двајцата негови соработници ќе им било дозволено да признаат вина во замена за доживотна затворска казна без можност за условен отпуст.
„Откако ја презеде законската надлежност, секретарот утврди дека семејствата и американската јавност заслужуваат да видат како воените судења се спроведуваат до крај“, напишаа судијките Патриша Милет и Неоми Рао во судското мислење на мнозинството.
Мохамед, инженер што се школувал во САД, е обвинет дека бил главен организатор на планот за нападите на 11 септември, во кој киднапирани комерцијални авиони удрија во Светскиот трговски центар и Пентагон, при што загинаа речиси 3.000 луѓе.