Zeynep Hilal Karyağdı
12 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Јемен, Мартин Грифитс, изјави дека е исклучително важно Саудиска Арабија да се придржува до процесот за политичко решение во Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Грифитс во изјавата објавена на социјалната мрежа Твитер по средбата со заменик-министерот за одбрана на Саудиска Арабија, Халид бин Селман, рече дека разговарале за начините како да се надминат пречките за воспоставување мир во Јемен.
Грифитс истакна дека од исклучително значење е Саудиска Арабија и регионот да се придржуваат до сеопфатниот политички мировен процес за трајно завршување на конфликтот во Јемен.
Заменик-министерот за одбрана на Саудиска Арабија, Халид бин Селман, на својот профил на Твитер соопшти дека синоќа со Грифитс разговарале за случувањата во Јемен и за напорите на Саудиска Арабија.
ОН со години прават обиди на дипломатско ниво да ја решат кризата во Јемен, но овие обиди досега не дадоа никакви резултати.
Хусите од септември 2014 година под контрола го држат јеменскиот главен град Сана и одредени други подрачја.
Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.