Necva Taştan Sevinç
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
Петмина италијански државјани, меѓу кои и универзитетски професор и истражувачи на морскиот свет, загинаа при нуркачка експедиција на Малдиви, објавија денес италијанските медиуми и локалните власти, пренесува Анадолу.
Групата исчезна за време на нуркање во близина на Алимата во атолот Ваву, каде што истражувале подводни пештери на длабочина од околу 60 метри.
Италијанската новинска агенција АНСА ги идентификуваше жртвите како Моника Монтефалконе (51), нејзината 23-годишна ќерка Џорџија Сомакал, истражувачот Муриел Оденино и инструкторите по нуркање Џанлука Бенедети и Федерико Гвалтиери.
Локалните власти соопштија дека ова е најтешка нуркачка несреќа со толку голем број жртви одеднаш во историјата на Малдиви.
Напорите за извлекување на телата се комплицирани поради лошото време и сложеноста на подводната пештера. Нуркачите од Националните одбранбени сили на Малдиви ги продолжија операциите за пребарување во текот на ноќта, додека жолтиот метеоаларм остана на сила за чамците и рибарите.
Властите веруваат дека жртвите се заробени во иста подводна пештера, иако до утринава, според наводите, било извадено само едно тело.
Министерот за туризам и цивилно воздухопловство на Малдиви, Мухамед Амин, изјави дека Крајбрежната стража и сите надлежни служби „активно се ангажирани во операцијата за пребарување и извлекување“.
„Министерството и целиот туристички сектор ја обезбедуваат секоја можна помош. Се молам за безбедно извлекување на лицата што сѐ уште се водат за исчезнати“, напиша Амин на американската компанија за социјални медиуми Х.
Точната причина за несреќата сè уште се истражува. Експертите цитирани од локалните медиуми укажуваат на можни проблеми со кислородот во боците, силни подводни струи, ненадејни термички промени или дезориентација во внатрешноста на пештерата.
Според медиумите на Малдиви, рекреативното нуркање во земјата генерално е ограничено на длабочина до 30 метри.
АНСА објави дека нуркањето најверојатно било дел од научна експедиција фокусирана на морските екосистеми на атолот Ваву.
Претходно Монтефалконе водеше кампањи за мониторинг на морето кај Малдиви, а неодамна учествуваше во истражувачки активности таму.
Универзитетот во Џенова ја потврди смртта на Монтефалконе, опишувајќи ја како меѓународно признат експерт за морска екологија вклучена во повеќе еколошки проекти.
Италијанскиот министер за туризам Џанмарко Маци изјави дека е многу потресен од оваа трагедија и изрази сочувство до семејствата на загинатите.