Emre Gürkan Abay
19 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
МОСКВА (АА) - На изборите за пратеници во руската Дума, што се одржаа денес, се очекува победа на партијата Обединета Русија на претседателот Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).
Со економска криза во земјата којашто сè уште трае, руските граѓани ширум земјата гласаа за избор на 450 членови кои ќе ги претставуваат во руската Дума во следните пет години, односно во Долниот дом на рускиот Парламент.
На изборите учествуваа скоро 4.500 кандидати од 14 партии. Просечната излезеност на изборите е ниска и изнесува 39,37 отсто; најголемата излезеност беше забележана во регионот Кемерово во Западен Сибир.
Гласачите во двата најголеми града, Москва и Санкт Петерсбург, воглавно останаа во своите домови; излезноста изнесуваше една петина, што е најмалата излезеност во текот на последните десет години.
Бројни анкети пред изборите покажаа дека скоро 31 отсто од Русите се изјасниле дека ќе ја поддржат партијата Обединета Русија, чиј лидер е актуелниот премиер Дмитри Медведев.
Комунистичката партија, според анкетите, е на второ место, веднаш по Обединета Русија, а Либерално-демократската партија, се покажа на трето место според направените анкети.
Народната партија на слободата, предводена од поранешниот премиер Михаил Касјанов, и партијата Јаблоко исто така се гледаат како потенцијални конкуренти.
Потребно е освојување на 299 места со цел да се освои мнозинство во Думата.
Резултатите за изборите во Крим - први по руската анексија на украинската територија пред околу две години - не се очекува да бидат сеопшто признаени.