Ekipa
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ и Бахреин порачаа дека воведените санкции и блокадата на Катар ќе траат сѐ додека властите на таа земја не ги исполнат сите барања кои властите на заливските земји ги поставија, јавува Anadolu Agency (AA).
Властите на четирите заливски земји во заедничка изјава истакнаа дека барањата кои ги поставиле кон Катар се оправдани во контекст на поефикасна борба против тероризмот и воспоставување на безбедноста во регионот.
Катар е под потполна блокада на споменатите четири земји кои го товарат за поддршка на тероризмот, а официјална Доха ги негира овие тврдења и ги карактеризира како неосновани.
Катар негира и дел од обвинението во врска со наводното мешање во внатрешните работи на земјите во регионот, а просаудискиот блок синоќа порача дека ќе им верува на властите на Катар кога ќе биде воспоставен строгиот механизам за надзор.
Американскиот државен секретар вчера во Доха се состана со катарските официјални лица, а денес во Ријад ќе се состане и со шефовите на дипломатиите на просаудискиот блок и ќе разговара за актуелната криза во Заливот.
Просаудискиот блок ги прекина односите и го блокираше Катар на почетокот на јуни, а дополнително на властите на Катар им е доставена листа со барања во кои од Доха, меѓу останатото, се бара затворање на турската воена база во Катар, затворање на медиумската мрежа (Al Jazeera) Ал Џезира и прекин на соработката со Иран.
Катар со подсредство на Кувајт достави официјален одговор на тие барања. Содржината на одговорот не е откриена, а официјалните лица на Доха порачаа дека нема да прифатат никакви барањa кои се судираат со меѓународното право и нормите.