Mohammad Sio
07 Јули 2026•Ажурирано: 07 Јули 2026
Цирија и Франција се договорија за повторна размена на амбасадори по 12-годишен прекин, соопштија денес сирискиот претседател Ахмад ал-Шара и неговиот француски колега Емануел Макрон за време на заедничката прес-конференција во Дамаск, јавува Анадолу.
Говорејќи во Претседателската палата, Ал-Шара ја опиша посетата на Макрон како „историска пресвртница“ што крунисува период на тивка и длабока заедничка работа меѓу двете земји.
„Ова е прва посета на некој француски претседател по 18 години“, рече Ал-Шара.
„Ја објавуваме согласноста за размена на амбасадори меѓу Дамаск и Париз“, додаде тој.
Франција ја затвори својата амбасада во Дамаск во март 2012 година за време на мандатот на тогашниот претседател Никола Саркози, како реакција на насилната репресија врз демонстрантите од страна на режимот на Башар ал-Асад во текот на сириското востание.
Овој потег следува откако неколку западни земји, поради ескалацијата на репресијата и безбедносната криза во Сирија, ги прекинаа или нивото на дипломатските односи со Дамаск го сведоа на минимум.
Посетата на Макрон на Дамаск е прва посета на француски претседател од 2008 година, кога Саркози ја посети Сирија.
Оваа посета е резултат на зајакнатиот дијалог меѓу Франција и Сирија, особено по формирањето на новата Влада во Дамаск и официјалната посета на Ал-Шара на Франција во мај 2025 година.
Синоќа Макрон пристигна во Дамаск и тој е прв западен лидер што ја посетил Сирија по падот на Ал-Асад во декември 2024 година.
Со овие потези Франција јасно ги покажува своите напори за проширување на политичката и економската улога во Сирија, преземајќи водечка улога во нормализацијата на западните односи со Дамаск.