Betül Yürük
15 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Десет од петнаесетте членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) испратија писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во кое се бара Советот да застане зад донесените одлуки и да им стави крај на илегалните еврејски населби кои Израел ги гради на окупираната палестинска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на Кина, Франција, Боливија, Брегот на Слоновата Коска, Екваторска Гвинеја, Казахстан, Кувајт, Холандија, Перу и Шведска во СБОН испратија писмо до генералниот секретар на ОН, Гутереш, во врска со префрлувањето на Американската амбасада во Ерусалим (Кудс) и поради убиството на 59 Палестинци на протестите по должината на границата на Газа и Израел.
„Советот за безбедност треба да стои зад донесените одлуки“
Во писмото се истакнува дека постои голема загриженост околу спроведувањето на одлуката на СБОН за ставање крај на изградбата на илегалните еврејски населби од страна на Израел на окупираната палестинска земја, откако САД во 2016 година зазеде неутрален став. „Советот за безбедност треба да стои зад донесените одлуки и да ја истакне важноста на овие одлуки, во спротивно, безбедноста на меѓународниот систем ќе биде изложена на ризик“, се наведува во писмото до Гутереш.
Десетте членки на Советот, во писмото, меѓу другото, упатуваат барање до генералниот секретар Гутереш, на секои три месеци да доставува писмени извештаи до Советот за безбедност во врска со спроведувањето на резолуцијата.
САД кои со правото на вето во СБОН го заштитуваат Израел, на 23 декември 2016 година гласаа воздржано, по што беше усвоена резолуцијата според која е потребно Израел „веднаш и целосно“ да ги запре сите активности околу изградбата на населби на окупираната палестинска земја.