Aysu Biçer
04 Мај 2024•Ажурирај: 07 Мај 2024
ЛОНДОН (АА)
- Ајсу БИЧЕР
Професорот на Универзитетот Колумбија и добитник на Нобеловата награда за економија, Џозеф Стиглиц, изјави дека протестите на студентите во американските универзитетски кампуси покажале дека „не се рамнодушни кон она што се случува во светот“, известува Анадолу.
Стиглиц, кој важи за еден од најугледните еврејски интелектуалци во светот, во интервју за Агенција Анадолу ги коментираше протестите на универзитетските кампуси во Соединетите Американски Држави (САД).
Пропалестинските протести на кампусот на Универзитетот Колумбија инспирираа многу други универзитети во САД, но и ширум светот да започнат слични протести.
„Студентите покажаа дека не се рамнодушни кон она што се случува во светот. Чувствуваат емпатија за она што се случува во светот. Кој не би реагирал откако ќе ги види тие фотографии, бројот на загинати и повредени", запраша познатиот професор.
Тој додаде дека протестите дополнително се предизвикани и од некои политички одлуки.
„Она што исто така ме вознемири е тоа што некои политичари, особено републиканците, ја искористија оваа ситуација како можност да ја продолжат својата војна против универзитетите. Ова е долготрајна војна. На пример, поранешниот американски претседател Доналд Трамп дури се обиде да ги намали буџетите за истражување на универзитетите за 30 %“, рече Стиглиц.
- Мешање во академската слобода
Тој, исто така, го опиша барањето на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, за оставка на ректорката на Универзитетот Колумбија, Минуш Шафик, како „јасен пример на мешање во академската слобода“.
Нагласувајќи дека ова е големо мешање во академската слобода, Стиглиц рече дека ваква ситуација не е забележана од 1950-тите.
Тој нагласи дека ваквото мешање ја поткопува академската слобода, која, како што рече, е клучна за функционирањето на еден демократски систем.
„Ова е нешто од што треба да се плашиме“, предупреди Стиглиц, нагласувајќи ја клучната улога на независните универзитети во контролата на владините активности и заштитата на академската слобода како камен-темелник на демократијата.
„Ниту еден политичар не е имун на испрашување. Тоа е дел од нашиот демократски процес“, додаде тој.
- Слобода и демократија
Стиглиц, добитник на Нобелова награда за економија во 2001 година, ги објасни и глобалните економски ефекти од нападите на Израел врз Појасот Газа.
Стиглиц рече дека првично постоела огромна загриженост дека нападите врз Газа ќе предизвикаат нафтена криза, како во 1973 година, но тоа досега не се случило поради „огромната воздржаност“ што ја покажале клучните актери како Иран, Ирак и Саудиска Арабија.
„Ова е добра вест за глобалната економија, но ќе има неизвесност доколку конфликтот трае подолго“, рече нобеловецот.
Тој се осврна и на руско-украинската војна, за која рече дека е многу важен настан што ја сменил перцепцијата за финансиските издвојувања за одбраната.
Тој истакна дека и пред февруари 2022 година бил скептичен за висината на владините трошоци за одбраната.
„Мислевме дека сме во нов свет, но одеднаш Русија го промени тоа и сфативме дека се сменија правилата. Русија ги прекрши сите норми и ќе мора да трошиме повеќе за одбрана. Ова е тажно. Ова е одземање пари од она што би можело да се троши за подобрување на животниот стандард, но нашата слобода и демократија сѐ уште се поважни од речиси сè друго“, нагласи Стиглиц за Анадолу.