Servet Günerigök
04 Јануари 2023•Ажурирај: 09 Јануари 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Во најновиот дел од „Твитер-фајловите“ се тврди дека американска владина агенција побарала суспендирање на стотици илјади профили од платформата за социјални медиуми, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Американската владина агенција побара суспендирање на 250 илјади профили, меѓу кои и на новинари и канадски службеници!“, изјави извршниот директор на Твитер, Илон Маск, реобјавувајќи ја објавата на новинарот Мет Таиби.
„Извештајот на ГЕЦ се појави врз основа на податоците од Министерството за внатрешна безбедност на САД (DHS) кои циркулираа претходно и вклучуваа профили што следеле два или повеќе кинески дипломатски профили“, рече Таиби во еден твит, мислејќи на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) при американскиот Стејт департмент, кој го опиша како „млада аналитичка/разузнавачка рака на Стејт департментот“.
Во друг твит, канцеларијата на претставникот на демократите од Калифорнија, Адам Шиф, упати барања Твитер да суспендира одредени профили.
Таиби, исто така, рече дека Твитер „примил различен вид барања од официјални лица кои барале одредени поединци да не бидат забранети“.
Во ноември 2020 година, канцеларијата на Шиф побара да се преземе акција за „наводно вознемирување од страна на заговорниците на QAnon“ против персоналот на Шиф, вклучително и против помошникот Шон Миско.
„Отстранете ја секоја содржина за г. Миско и другите вработени во Комитетот - вклучување цитати, реобјави и реакции на таа содржина“, гласи еден скриншот.
„Суспендирајте ги профилите меѓу кои и @GregRubini и @paulsperry, кои постојано промовираа лажни заговори за QAnon“, се вели во барањето.
Првата серија од „Твитер-фајловите“ излезе на почетокот на декември, кога Таиби објави повеќе твитови со фокус на разговорите меѓу персоналот на компанијата за цензурирање на веста за лаптопот што му припаѓа на синот на претседателот Џо Бајден, Хантер.
Единаесеттата серија во вторникот, откри дека Твитер, исто така, се обидува да го намали бројот на агенции со пристап до шефот за безбедност и интегритет на Твитер, Јоел Рот.
„Ако овие луѓе се како Комитетот за внатрешна безбедост на Претставничкиот дом и ДХС, штом ќе им овозможиме директен контакт со Јоел, тие ќе сакаат да се вратат кај него повторно и повторно“, рече директорот за политика, Карлос Моње, според друг твит.
Имаше и епизода во која Таиби рече дека дошло до ретко јавно несогласување меѓу Твитер и државните претставници.