Esra Tekin,Emre Başaran
14 Мај 2024•Ажурирај: 15 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије и Грција го зајакнуваат меѓусебното разбирање во борбата против тероризмот, изјави вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Се согласуваме дека за терористичките организации нема место во иднината на нашиот регион“, рече Ердоган на прес-конференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во турската престолнина Анкара.
Ердоган истакна дека Анкара и Атина се посветени на решавањето на меѓусебните прашања преку „срдечен дијалог, добрососедски односи и меѓународно право“, како што беше наведено во минатогодишната Атинска декларација за пријателски односи и добрососедство.
„Работиме на зголемување на билатералната трговија со Грција на 10 милијарди долари, која изнесуваше 6 милијарди долари минатата година“, додаде турскиот претседател.
Претседателот Ердоган нагласи: „Туркије очекува позитивната атмосфера во односите да придонесе за исполнување на правата на турското малцинство и нашите сонародници во Грција.“
„Важно е да се најде фер и трајно решение за кипарскиот проблем врз основа на фактите на островот. Ова ќе ги зајакне стабилноста и мирот во нашиот регион“, додаде Ердоган.
Претседателот на Туркије му се заблагодари на премиерот Мицотакис за неговите напори за подобрување на билатералните односи меѓу двете земји.
За израелските напади врз Газа Ердоган рече дека Анкара е решена да ги продолжи дипломатските контакти, со цел да го принуди Израел да ги прекине нападите врз Појасот Газа и да придонесе колку што е можно повеќе за признавањето на државата Палестина.
„Јас не го гледам Хамас како терористичка организација, туку како луѓе што се борат да ги заштитат својата територија и народ“, рече турскиот претседател.
Тој додаде дека Хамас е организација на отпорот чии територии се окупирани од 1947 година и која се труди да ги заштити своите земји по окупацијата.
Претседателот Ердоган ја повика глобалната заедница, особено западните земји, да го подигнат гласот против убиствата на повеќе од 35.000 палестинските цивили во тековната израелска офанзива во Појасот Газа.