Ekipa
04 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - ХАЛИЛ СИЛАХШОР -
Претседателот на Извршната делегација на Авганистан, д-р Абдула Абдула, истакна дека Турција презема значајна улога во насока на обезбедување на мирот и стабилноста во Авганистан, пишува Anadolu Agency (AA).
Абдула одговораше на прашањата на новинарот на АА во Истанбул, каде што присуствуваше на отворањето на Големата џамија во Чамлиџа.
Абдула нагласи дека Турција има добри односи со земјите во регионот.
„Турција, која има историски и пријателски односи со Авганистан, има главна улога во насока на обезбедување на мирот и стабилноста во оваа земја“, рече Абдула.
Тој се осврна на напорите на Турција за подобрување на односите кои одвреме-навреме стануваат тензични меѓу Авганистан и Пакистан.
„Турција има многу добри односи со владите и народите на овие две земји. Јасна е економската и политичката моќ на Турција која претставува мост меѓу Азија и Европа. Во овој контекст, Турција може да биде ефективна во насока на осигурување поголема координација на регионално ниво“, додаде тој.
Според него, Турција дава придонес и во процесот на реконструкција на Авганистан.
Запрашан зошто Авганистанците во последните години ги напуштиле своите домови и мигрирале во други земји како Турција, Абдула истакна: „Главната причина за мигрирањето од Авганистан во други земји е воената атмосфера која сѐ уште продолжува во земјата. Кога заврши војната во нашата земја, поголемиот дел од нив се вратија, но со повторното започнување на конфликтите, повторно започна и бранот миграции. Формиравме механизми за соработка со Обединетите нации (ОН), Турција и со соседните земји во врска со мигрантите.“
- „Народот се плаши од доминацијата на талибанците“ -
Запрашан во врска со мировниот процес меѓу талибанците и Владата во Авганистан, во кој се вклучени и Соединетите Американски Држави (САД), Абдула истакна дека авганистанскиот народ го поддржува овој процес, но е загрижен од тоа талибанците да не доминираат повторно во земјата.
Абдула подвлече дека секоја класа на општеството го поддржува мировиот процес во Авганистан.
„Иако постојат различни мислења, авганистанскиот народ, кој е загрижен да не се врати во периодите под доминација на талибанците, има аспирација да ги штити придобивките и да живее во мир“, додаде Абдула.
Осврнувајќи се на средбите на талибанците со американските претставници, рече: „Многу е важно талибанците да ги прекинат односите со терористичките организации. Бидејќи талибанците беа домаќини на Ал Каеда, како и поради нападите на оваа организација во странство како што е оној на 11 септември, беа предизвикани политичките и воените интервенции на меѓународната заедница врз нашата земја. На овие мировни преговори, САД сакаат да бидат целосно сигурни дека талибанците целосно ги прекинале односите со терористичките организации.“
Абдула нагласи дека исто така и претходно биле реализирани директни преговори меѓу талибанците и САД. Според него, талибанците на овие преговори имале услов за повлекување на странските сили од земјата, и тоа на одреден датум, додека САД имале четири услови за нив.
„Условите беа следни: талибанците да ги прекинат односите со терористичките организации, присуството на американските сили во Авганистан да биде директно поврзано со состојбата која ќе се формира во нашата земја преку мировниот процес, обезбедување заемно примирје коешто талибанците сѐ уште не го прифатија, како и започнување на директни преговори меѓу талибанците и политичките субјекти во земјата“, истакна тој.
- „Ниту една земја сама не може да биде гарант во мировниот процес во Авганистан“ -
Абдула нагласи дека другите земји имаат влијание врз талибанците, и дека една од тие земји е Катар.
Тој рече дека благодарение на претставништвото на талибанците во Доха, Катар има влијание врз нив.
„Не може да се игнорира и влијанието на другите земји врз талибанците. Ниту една земја сама не може да биде гарант во мировниот процес во Авганистан. Во регионалните односи постојат сложени структури. Доколу се спроведе мир во Авганистан, тоа ќе придонесе и во решавање на регионалните кризи“, додаде Абдула.
Запрашан околу можноста за промена на политиката на администрацијата на Исламабад под водство на Имран Кан, во врска со Кабул, Абдула истакна: „Се случи промена од денот кога новата Влада во Пакистан дојде на функција. Беа дадени позитивни изјави, но претстои многу работа што треба да се направи во насока на заемна почит и признавање на националната сувереност на земјите. Авганистан сака да живее во мир, во рамки на заемната почит со соседите, без меѓусебна интервенција во внатрешните работи. Сите земји во регионот заклучија дека продолжување на воената состојба во Авганистан не е во корист на никого.“