Burak Bir
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Хакери украдоа лични податоци на илјадници жители во град во Источна Холандија за време на кибернапад, чија цел бил серверот на Општина Епе, објавија денес медиумите, јавува Анадолу.
Општина Епе извести за кибернападот, извршен минатиот месец, од кој се засегнати 32.000 жители, по спроведената опсежна истрага, јави холандскиот јавен сервис НОС.
Во нападот се украдени контакт-податоците на жителите, а одземени се и копии од лични карти на повеќе од 1.000 граѓани.
„Како општина, наша должност е добро да се грижиме за податоците на граѓаните и тоа го сфаќаме сериозно. За жал, работите сепак тргнаа наопаку“, изјави градоначалникот Том Хорн, пренесува холандскиот медиум.
Според известувањата на медиумот, сите жители во Општина Епе набрзо ќе добијат писмо со кое ќе бидат информирани за ситуацијата и за тоа што може да преземат за да спречат злоупотреба на нивните податоци.
За да се намали ризикот од кражба на идентитетот, засегнатите жители ќе може бесплатно да ги заменат своите возачки дозволи, лични карти и пасоши.
Украдените лични податоци биле складирани на сервер што го користеле вработените што стапиле на служба по 2022 година.