Necva Taştan Sevinç
29 Април 2026•Ажурирај: 29 Април 2026
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Унијата работи на трајно завршување на конфликтот на Блискиот Исток, нагласувајќи ја неопходноста од враќање на поморската безбедност во Ормускиот Теснец, јавува Анадолу.
Обраќајќи се пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен истакна дека моментното затишје на борбите нуди можност за унапредување на дипломатските напори, вклучително и одржување на прекинот на огнот во кој се вклучени Иран и Либан.
„Наша заедничка цел сега е да видиме траен крај на војната, а тоа вклучува и враќање на целосна и трајна слобода на пловидба низ Ормускиот Теснец без никаква такса“, рече таа.
„Еднакво е јасно дека секој мировен договор ќе мора да ги опфати иранската нуклеарна и балистичка програма“, додаде претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен соопшти дека лидерите на ЕУ се сретнале со регионалните партнери, Египет, Либан, Сирија и Јордан, како и со генералниот секретар на Советот за соработка во Персискиот Залив, со цел да ги координираат напорите кон деескалација и стабилност.
Таа, сепак, предупреди дека економските последици од конфликтот би можеле да опстојат „со месеци или дури со години“, особено на енергетските пазари бидејќи прекините на клучните маршрути за испорака носат ризик од зголемување на глобалните цени.
Истакнувајќи го влијанието на кризата, Фон дер Лајен посочи дека европската сметка за увоз на фосилни горива се зголемила за повеќе од 27 милијарди евра (31,6 милијарди долари) во само 60 дена од конфликтот, „без ниедна дополнителна молекула енергија“.
Таа нагласи дека кризата ја потврдила ранливоста на ЕУ во однос на увезените фосилни горива и повика на забрзување на транзицијата кон домашно произведена енергија.
„Мора да ја намалиме нашата прекумерна зависност од увезени фосилни горива и мора да го зајакнеме сопственото снабдување со прифатлива чиста енергија“, рече таа, посочувајќи ги обновливите извори и нуклеарната енергија како клучни столбови.
Фон дер Лајен ја истакна и потребата од посилна координација меѓу земјите членки на ЕУ во однос на резервите на гориво и складирањето гас, како и насочена поддршка за ранливите домаќинства и индустрии за да се избегне повторување на скапите и не целени мерки забележани за време на претходната енергетска криза.
Таа додаде дека електрификацијата и енергетската ефикасност ќе бидат клучни за намалување на побарувачката и заштита на Европа од идни шокови, забележувајќи дека земјите со повисок удел на нискојаглеродна енергија помалку се погодени од нестабилноста на цените.
Претседателката на Комисијата, исто така, најави дека ЕУ до летото ќе претстави акциски план за електрификација, заедно со пошироки напори за модернизација на енергетската инфраструктура и зајакнување на економската безбедност.