İlayda Çakırtekin
20 Ноември 2025•Ажурирај: 21 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во четврток ги повика европските земји целосно да учествуваат во спроведувањето на договорот за прекин на огнот во Газа, кој стапи на сила на 10 октомври, известува Анадолу.
„Ги осудувам прекршувањата на примирјето што се случија вчера, предизвикувајќи голем број жртви. Сите страни мора строго да го почитуваат мировниот план на САД, кој сега е одобрен од Обединетите нации. Франција и Европа мора целосно да учествуваат во спроведувањето на овој план. Тоа навистина е наша намера“, рече Баро пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Тој изрази поддршка за целта на блокот да обучи до 3.000 полицајци и безбедносни сили и додаде дека Франција „е подготвена“ да распореди околу 100 припадници на жандармеријата на палестинските територии.
„Во исто време ги поддржуваме напорите на административно и управувачко ниво“, додаде Баро.
За „најсериозна“ хуманитарна криза во светот денес министерот Баро ја опиша ситуацијата во Судан, каде што граѓанската војна меѓу армијата и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) трае од април 2023 година. Тој ги осуди „етнички мотивираните злоупотреби“ извршени од РСФ, нагласувајќи дека ваквите „злосторства не може да останат неказнети“.
Баро ја повтори и потребата од праведен и траен мир во Украина, во кој ќе се почитува суверенитетот на сите, изразувајќи надеж дека работата со 20. пакет санкции за Русија ќе биде завршена пред крајот на годината.
„Украинците сакаат мир - праведен мир што го почитува суверенитетот на сите, траен мир што не може да биде поткопан од идни агресии. Но мирот не може да значи капитулација. Ние не сакаме Украина да капитулира“, додаде тој.