İlayda Çakırtekin
11 Септември 2026•Ажурирано: 11 Септември 2026
Поранешната државна секретарка на САД, Хилари Клинтон, повика на построг американски став доколку Израелците повторно ја изберат владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, пренесува Анадолу.
„Ако Израелците сакаат повторно да гласаат за тоа, тогаш сметам дека САД мора да заземат многу цврст став“, изјави Клинтон за медиумот „МС нау“, осврнувајќи се на општите избори во Израел закажани за 27 октомври.
Клинтон укажа на јавувањата на медиумите според кои Нетанјаху добил предупредување од Обединетите Арапски Емирати пред 7 октомври 2023 година во врска со плановите на Хамас за изведување напад.
Нетанјаху или не поверувал во предупредувањето или размислувал како да го искористи сценариото во своја полза за да може „остро да реагира“, што „би ја зацврстило неговата позиција“, рече таа.
„Ова беше неуспех на раководството. Ова беше неуспех во заштитата на народот на Израел“, рече Клинтон.
„Постојано велам: го сакам Израел, но ги мразам Владата на Нетанјаху и неговите политики“, рече таа.
„Ја сакам Америка, но ги мразам Владата и политиките на Трамп“, додаде таа, мислејќи на претседателот Доналд Трамп, нејзиниот противкандидат на изборите во 2016 година, на кои таа загуби, овозможувајќи му на Трамп да го започне својот прв мандат.
Клинтон, исто така, изјави дека навистина би направило разлика доколку Нетанјаху повеќе не би бил премиер: „Се надевам дека новиот премиер би презел строги мерки против насилството на доселениците на Западниот Брег. Не смее да има неказнивост за таков вид насилство.“
Таа предупреди дека дозволувањето на такво ниво на насилство во општеството е „неправедно и погрешно“ за Палестинците, а истовремено и „многу опасно“ за Израел.
„Секогаш кога дозволувате такво ниво на насилство во општеството, кое не го запирате, тоа се провлекува низ целото општество“, рече Клинтон.
Изјавите на Хилари Клинтон доаѓаат во време на ескалација на нападите од страна на израелската армија и израелските окупатори на окупираниот Западен Брег, по почетокот на геноцидот во Појасот Газа во октомври 2023 година.
Палестинските власти евидентирале убиства, апсења, уривања на домови, напади врз џамии и возила, уништување на земјоделско земјиште, ограничувања на пристапот на земјоделците до нивниот имот, како и присилно раселување.
Палестинците предупредуваат дека израелските операции и насилството од страна на окупаторот го подготвуваат теренот за официјална анексија на Западниот Брег, што би го поткопало воспоставувањето палестинска држава во согласност со резолуциите на Обединетите нации (ОН).