Faisal Mahmud
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Јужна Кореја и Франција оваа недела ги одржаа своите први заеднички воздухопловни вежби по три години, со цел да ја зајакнат способноста за заедничко дејствување, објави денес новинската агенција Јонхап, пренесува Анадолу.
Тридневната вежба започна во вторникот во воздухопловна база во Чонгџу, на околу 110 километри јужно од Сеул, соопшти агенцијата, повикувајќи се на јужнокорејските воздухопловни сили.
Јужна Кореја ангажираше стелт-ловци Ф-35А и авиони-цистерни КЦ-330 „Сигнус“ за полнење гориво во лет. Франција прати два ловца „Рафал“ и еден авион-цистерна А330.
Француското учество беше дел од мисијата „Пегаз“, чија цел е да се тестира способноста на Франција за соработка со партнерските сили и да се зајакне одвраќањето во девет земји, вклучително и Канада, САД и Јапонија.
За време на вежбите вчера двете воздухопловни сили вежбаа меѓусебно полнење гориво на авионите и изведуваа тактички летови, при што авионите беа поделени на сојузнички и спротивставени сили. Пилотите, исто така, разменија мислења за тактиките на летање и управувањето со авионите.
Јужнокорејските и француските авиони одделно изведоа прелети над меморијалните гробишта во југоисточниот град Бусан, во чест на војниците на ОН што загинаа за време на Корејската војна (1950–1953).
Шефот на Француската вселенска команда, генерал-мајор Винсент Шусо, изјави за Јонхап дека ова распоредување претставува „отскочна штица“ кон поголема оперативна интероперабилност.
Тој додаде дека мисијата „Пегаз“ има цел и да ја испита улогата на Франција како партнер на Јужна Кореја во справувањето со регионалните предизвици.