Betül Yürük
02 Мај 2016•Ажурирај: 03 Мај 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на саудиската дипломатија, Адил бин Ахмед ал Џубејр, ги обвини силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и Русија дека со постојани и интензивни бомбардирања на Алепо врши "етничко чистење" на тој регион и сакаат од Алепо да го протераат сите бунтовници и опозиционери, јавува Anadolu Agency (AA).
Џубејр престојува во работна посета на Женева, каде што се состана со американскиот државен секретар Џон Кери.
Изразувајќи длабока загриженост во врска со ситуацијата во Сирија и бомбардирањата во Алепо, Џубејр предупреди дека ескалацијата на судирите во Алепо би можела да доведе до ескалација на судирите во цела Сирија и да ги загрози сите процеси кои се водат со цел ставање крај на судирите.
Обвинувајќи го сирискиот режим дека не пристапил сериозно на мировните преговори во Женева и дека постојано ги кршел сите договори, Џубејр рече дека Асад и неговиот сојузник Русија не може да го оправдаат бомбардирањето на населените места, болниците и пазарите во Алепо, со тоа што ќе тврдат дека радикалните сили на Фронтот Нусра се поврзани со умерената сириска опозиција.
На прашањето на новинарите да ја прокоментира можноста за воспоставување безбедносни зони Алепо, Џубејр рече дека не верува дека сирискиот режим некогаш ќе се согласи на тоа, но дека официјален Ријад ќе продолжи да ја повикува меѓународната заедница на југ и на север да воспостави такви зони за цивилите.
Истакнувајќи дека се водат преговори за ревидирање на договорот за прекин на судирите во Сирија, Џубејр рече дека во случај на нов неуспех ќе биде неопходно да се разгледа и одреден план Б.
Во врска со можноста за испраќање на копнени сили во Сирија за борба против терористичката организација ДАЕШ, Џубејр рече дека Саудиска Арабија е подготвена да испрати специјални единици во Сирија доколку тоа го стори и коалицијата предводена од САД.