Sayed Khodaiberdi Sadat
17 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
КАБУЛ
Најмалку две лица загинаа во бомбашки напади во две подрачја западно од Кабул, главниот град на Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Саид Хости, гласноговорникот на Министерството за внатрешни работи на привремената талибанска Влада, рече дека цел на едниот напад бил минибус со цивили во регионот Дашти Барчи, западно од Кабул.
Наведувајќи дека во нападот починало едно лице, Хости рече дека се ранети шест лица, меѓу кои три жени.
Очевидците тврдат дека во нападот починале четири лица, а две се ранети.
Уште едно лице починало, а три се повредени во бомбашкиот напад врз цивилно возило во подрачјето на Дехбури во Кабул.
Сѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Во подрачјето на Дашти Барчи и претходно се изведувани бомбашки напади врз возила со цивили.
Терористичката организација ДЕАШ ги интензивира нападите откако талибанците ја презедоа контролата во земјата на 15 август.
Повеќе од 250 луѓе починаа во четири напади на ДЕАШ на 15 август. Два се случија во Кабул, по еден во Кундуз и Кандахар.