Ekipa
16 Август 2021•Ажурирај: 16 Август 2021
КАБУЛ (АА) - Летовите на главниот меѓународен аеродром во Авганистан, во Кабул, се суспендирани, при што патниците нервозно чекаат со надеж да ја напуштат земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Еден ден откако главниот град на Авганистан падна во рацете на талибанците, американските и авганистанските сили го опколија аеродромот, како и талибанските борци, при што се пукаше во воздух за да се растера топлата.
Службата за медиуми на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ соопшти дека се прекинати сите цивилни летови од аеродромот. Во соопштението се повикуваат граѓаните да не го окупираат плоштадот и да спречат грабежи.
Официјални извори за АА велат дека американските сили го контролираат аеродромот.
Талибанците, од своја страна, ги повикаа луѓето собрани на аеродромот да си одат дома. Талибанските лидери на местото објавија дека цивилите нема да бидат повредени.
Портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин, на Твитер објави:
„Исламскиот емират (Талибан) им нареди на своите муџахедини и уште еднаш им укажува дека на никого не му е дозволено да влезе во нечија куќа без дозвола. Ничиј животот, имот и чест не смеат да бидат повредени, туку да бидат заштитени од муџахедините.“