Sayed Khodaiberdi Sadat
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
КАБУЛ
Двајца припадници на талибанското движење и еден цивил ги загубија животите во оружен напад извршен во Џалалабад, центарот на провинцијата Нангархар во источен Авганистан, кој е под контрола на талибанците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, вооружени лица извршиле напад врз талибанските сили во регионот Истгахи Кабул, во Џалалабад.
Во нападот загинаа двајца талибанци и еден цивил, а напаѓачите избегале по нападот.
Талибанците, кои го потврдија нападот, не споделија информации за човечките загуби.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Од друга страна, терористичката организација ДЕАШ објави дека двајца припадници на талибанските сили се ранети при напад со рачно изработена бомба извршен врз возило на талибанците во регионот Мезар Дере Нуркел.
Во бомбашките напади на 18-19 септември во Џалалабад, кој е познат како упориште на терористичката организација ДЕАШ во Авганистан, животот го загубија четири лица.
Од друга страна, талибанските претставници изјавија дека ДЕАШ не претставува голема закана за Авганистан и во земјата нема да бидат дозволени активности на терористичките организации.