Betül Yürük
17 Мај 2020•Ажурирај: 18 Мај 2020
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - БЕТУЛ ЈУРУК –
Компанија со седиште во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) основала фирма во Јордан преку која купила 6 хеликоптери и 2 чамци за Калифа Хафтар, водачот на илегалните вооружени сили на истокот на земјата, трошејќи 18 милиони долари. Со тоа имала за цел да извршува напади врз бродовите што пловат крај брегот на Либија.
Дописникот на Агенција Анадолија (АА) дојде до деталите за доверливите документи подготвени од Комитетот за санкција за Либија при Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и разговараше со експертите што ги испитуваа овие писма.
Според информациите во документите, експертите на Комитетот кон средината на јануари добиле известување дека компанија со седиште во ОАЕ се обидела да основа специјален тим на странски професионални војници во Бенгази за поддршка на Хафтар.
Компанијата „Fulcrum Holding“ со седиште во Дубаи, преку посебна компанија основана во Јордан купила 3 хеликоптери од типот „Супер пума“ од Јужна Африка, тврдејќи дека ќе бидат користени за „географски истражувања“.
Овие хеликоптери прво биле испратени во Јордан, а потоа во Либија, а во овој процес посредуваше авионската компанија „Starlite Aviation“ од Јужна Африка.
Експерт што ги разгледувал документите рече дека е нејасно дали засегнатата авионска компанија посредувала во купувањето на хеликоптерите или во нивниот трансфер.
Компанијата „Fulcrum Holding“ од Габон купи три француски хеликоптери од типот „SA 341“ за да ги испрати во Либија.
Компанијата „Sovereign Charterers“ со седиште во Малта купи два чамци од типот „MRC1250“ со капацитет од 20 лица за да ги користи специјалниот тим странски платеници што ќе го поддржуваат Хафтар.
Американски „Блумберг“, исто така, на 15 мај напиша дека две компании со седиште во Дубаи испратиле во земјата околу 20 платеници од Запад за да го поддржат Хафтар во преземањето на Триполи.
Говорејќи под услов неговото име да остане доверливо, експертот изјави дека во документите имало информации за тоа дека 20 до 25 платеници заминале во Бенгази и ги презеле 6-те хеликоптери и двата чамци. Специјалниот тим странски платеници со хеликоптерите и бродовите всушност имале за цел да спроведуваат напади врз бродовите што пловат крај брегот на Либија.
Експертот исто така наведе дека на хеликоптерите и чамците е ставено логото на компанијата основана во Јордан, со цел да остави впечаток дека овие воени хеликоптери и чамци се користат за географски испитувања.
Постојаното претставништво на Обединетите Арапски Емирати во ОН не одговори на прашањата од дописникот на АА за извештајот на ОН.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога Моамер ал Гадафи беше соборен од власт и убиен.
Во земјата владеат судири меѓу меѓународно признатите либиски владини трупи и силите поврзани со Хафтар.
Советот за безбедност на ОН од 2011 година воведе ембарго за оружје за Либија.