Berk Kutay Gökmen
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува предлог со кој би се овластил Пентагон да спроведува безбедносни евалуации на моделите на вештачка интелигенција (АИ) што ги користат федералните, државните и локалните власти, објави денес американскиот медиумски портал „Аксиос”, пренесува Анадолу.
Канцеларијата на националниот директор за кибербезбедност (ОНЦД) при Белата куќа одржа два состанока минатата недела; едниот со технолошки и компании за кибербезбедност, а другиот со групации од технолошката индустрија, со цел да се решат пошироките безбедносни прашања поврзани со напредните системи на вештачка интелигенција (АИ), се наведува во објавата.
Веста открива дека Вашингтон, исто така, ја разгледува можноста за донесување извршна наредба со која би можеле да се задолжат повеќе агенции да спроведуваат безбедносни процени на новите модели на вештачката интелигенција (АИ).
Подготовките за оваа безбедносна рамка започнале уште пред објавувањето на моделот „Митос” на компанијата „Антропик”, што предизвика нови сериозни загрижености во поглед на кибербезбедноста, се вели во веста.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека секоја објава поврзана со оваа политика „ќе дојде директно од претседателот“ и дека разговорите за „евентуални извршни наредби се само шпекулации“.
Откако „Aнтропик” го претстави моделот „Митос”, Белата куќа се обидува да ги процени неговите капацитети за хакирање и да утврди каква улога треба да има државата во управувањето со најзначајните ризици по националната безбедност.
Истовремено, Белата куќа разгледува воведување мерки кои би им овозможиле на федералните агенции да ги заобиколат моменталните ограничувања за користење на алатките на „Антропик”, со цел да можат официјално да го воведат моделот „Митос”.