Atila Altuntaş
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
СТОКХОЛМ (АА) - Канцеларијата на Амнести интернешнал во Шведска издаде соопштение во кое се изразува длабоката разочараност од одлуката на Европскиот суд за правда со која се одобрува изрекувањето забрани за носење верски, политички и филозофски обележја на работните места, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Канцеларијата се вели дека одлуката е мошне проблематична.
„Одлуката ја легализира дискриминацијата на муслиманите од страна на работодавецот, особено жените кои носат марама. Тоа дополнително ќе им отежне на жените муслиманки да работат во јавниот сектор“, се додава во соопштението.
Судот со седиште во Луксембург на тој начин им овозможи на работодавците со интерни правилници на фирмите да го одредуваат кодексот на облекување на вработените, а во пресудата е наведено дека забраната за носење видливи верски, политички или филозофски симболи не претставува дискриминација.
Со таа одлука, на работодавците им е дозволено да им забранат на вработените муслиманки да носат марами и хиџаб, а целата постапка пред овој суд е започната по двата контроверзни случаја на отпуштање работнички кои носеле хиџаб, во две компании во Франција и во Белгија.
Ова воедно е и прва пресуда на Европскиот суд за правдата што директно го третира прашањето за носење хиџаб на работните места.