Muhammed Bilal Kenasari
01 Ноември 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Доколку на претседателските избори во САД што ќе се одржат на 8 ноември победи кандидатката на демократите, Хилари Клинтон, тогаш со САД, во период од 32 години (1989 – 2021) ќе раководат семејствата Клинтон, Буш и Обама.
Анкетите на неколку дена пред претседателските избори покажуваат дека Хилари е во предност.
Доколку поранешната американска државна секретарка, Хилари Клинтон, победи на претстојните избори, во наредните 4 години ќе биде новиот претседател на САД, наместо Барак Обама, кој оваа функција ја вршеше два мандата. Примопредавањето на функцијата ќе биде во јануари 2017 година, на церемонија што ќе биде организирана во Белата куќа.
Тоа ќе значи дека Хилари Клинтон по вторпат ќе се смести во Белата куќа, бидејќи таа како прва дама и сопруга на Бил Клинтон мина 8 години во Белата куќа.
Во периодот од 1993 до 2001, семејството Клинтон престојуваше во Белата куќа за време на двата мандата на Бил Клинтон како претседател на САД.
Бил Клинтон беше претседател на САД во периодот меѓу мандатите на семејството Буш.
Џорџ Х.В. Буш, познат како „таткото Буш“ беше претседател на САД во периодот од 1989 до 1993 година. По двата мандата на Клинтон во периодот од 2001 до 2009 година, со два претседателски мандата, Џорџ В. Буш, синот на Џорџ Х.В. Буш, беше претседател на САД.
По Џорџ В. Буш, за претседател на САД беше избран Барак Обама, кој во 2012 година ја победи Хилари на изборите за кандидат на демократската партија за претседателските избори во САД.
- Семејствата Клинтон и Буш 36 години учествуваат на изборите -
Од 1960 година досега, презимето Буш и од 1970 година досега, презимето Клинтон постојано се во преден план во политичките кругови во Вашингтон. Во животот на еден 37-годишен Американец, само еднаш, и тоа во 2012 година, претставник од семејството Буш или Клинтон не бил кандидат за претседател или за заменик претседател на изборите во САД.
- „Доколу тоа се случеше во Латинска Америка, ќе речевме дека тоа е олигархија“ -
Постојаното излегување во преден план на семејствата Буш и Клинтон стана тема на разговор во САД. Се појави интернет-страница под наслов „Буш и Клинтон засекогаш“, на која се дебатира за имињата од семејствата Буш и Клинтон кои би биле кандидати во наредните 50 години.
Најостра критика за опстојувањето во преден план на овие две семејства во политиката на САД дојде од поранешниот сенатор Гери Харт. Во еден свој напис за списанието „Тајм“, Харт вели: „Доколку во некоја земја од Латинска Америка се случи 2 до 3 семејства постојано да се менуваат на претседателската функција, тогаш ние тоа ќе го наречевме олигархија“.
- „Гаранција за лобистите и за донаторите“ -
Искусната новинарка на „Вашингтон пост“, Керен Тумулти рече дека семејствата Буш и Клинтон во политиката станале трговска марка.
Тумулти во својата проценка за дописникот на АА изјави дека презимињата Клинтон и Буш во политичките води на САД даваат гаранција за одредена стабилност и ред.