Zehra Ulucak
16 Мај 2019•Ажурирај: 17 Мај 2019
ДАКА (АА) - Араканските активисти го поздравија апелот на Обединетите нации (ОН), упатен до меѓународната заедница, за прекинување на сета финансиска помош и друга поддршка за мјанмарската војска, пренесува Anaolu Agency (AA).
Според соопштението на невладината организација „Слободна коалиција на Рохинџа“, араканските активисти и меѓународните поддржувачи работат во насока на завршување на суровоста на Мјанмар на која десетици години се изложени араканските муслимани, додека задоволни се од и го поддржуваат апелот на Меѓународната независна истражувачка мисија на ОН за Мјанмар, упатен до меѓународната заедница за прекинување на сета финансиска помош и друга поддршка за мјанмарската војска.
Во соопштението се упатува благодарност до Мисијата на ОН за апелот за изолирање на командантите на мјанмарската војска низ светот.
Во ова соопштение се спомнува и Меѓународната конференција за заштита и одговорност во Мјанмар, организирана од страна на Слободната коалиција на Рохинџа, во соработка со Институтот за Јужна Азија при универзитетот „Колумбија“ и „Бернард колеџ“, во февруари во Њујорк.
„Коалицијата за првпат таму ја соопшти нејзината цел за започнување бојкот против Мјанмар поради прекршувањата на човековите права и варварството кои продолжуваат против араканските муслимани и другите национални малциства во оваа земја“, се додава во соопштението.
Според ова соопштение, Араканецот Кин Маунг, кој избегал од притисоците и суровоста во неговата земја и се засолнил во кампот во градот Кокс Базар во Бангладеш, истакнал дека неговите пријатели бегалци го поздравуваат овој апел на Мисијата на ОН.
Араканскиот блогер Нај Сан Лвин, нагласи дека апелот на Мисијата на ОН дошол во вистинско време.
Според податоците на Министерството за инвестиции и надворешни економски односи, мјанмарската Комисија за инвестиции даде одобрение за планот за странски инвестиции во вредност од 2,5 милијарди долари за оваа година.
Меѓународната независна истражна мисија на ОН за Мјанмар во вторникот упати апел до меѓународната заедница за прекинување на сета финансиска помош и друга поддршка за мјанмарската војска.
Претседателот на оваа мисија, Марзуки Дарусман, во писмено соопштение по неговата 10-дневна посета на Бангладеш, Малезија, Тајланд и Индонезија, истакна дека командантите на мјанмарската војска треба да бидат изолирани, и дека треба да бидат судени во некој безбеден суд поради кривичните дела како геноцид, воено злосторство и злосторство против човештвото.
Дарусман нагласи дека мјанмарската Влада не го прави она што е потребно за завршување на судирите во земјата и дека Владата не можела да ги заштити човековите права на над милион аракански муслимани кои биле принудени да бегаат во соседните земји.
Тој ја повика меѓународната заедница да ја прекине сета финансиска помош и други поддршка за мјанмарската војска.
- Етничко чистење на араканските муслимани -
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници лица беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август во 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на Договорот кој го постигна со Мјанмар за враќање во нивните земји на араканските бегалци кои се наоѓаат во Бангладеш.
Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.
Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го нарекуваат етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без да се обезбеди безбедна средина, ќе предизвика ново етничко чистење.