Ikrame Imane Kouachi
20 Декември 2024•Ажурирај: 21 Декември 2024
ЕРУСАЛИМ (АА) - Според новата анкета, околу три четвртини од Израелците се за прекин на огнот во Газа што ќе доведе до договор за размена на затворениците, јавува Анадолу.
Израелскиот дневен весник „Маарив“ денес објави дека 74 % од испитаниците веруваат дека Тел Авив сега треба да постигне сеопфатен договор за да обезбеди враќање на сите заробеници, дури и ако тоа бара запирање на воените офанзиви во Газа.
Овој став го поддржуваат 84 отсто од гласачите од опозициските партии и 57 отсто од гласачите на линијата на актуелната владина коалиција.
Спротивно на тоа, само 16 отсто од испитаниците поддржаа делумен договор, додека 10 отсто немаа конкретно мислење.
Во текот на последниве месеци, семејствата на израелските заробеници во Газа го засилија притисокот врз Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да постигне договор.
Опозициските лидери и овие семејства го обвинуваат Нетанјаху за застој во преговорите за да ја задржи својата позиција, бидејќи екстремистичките министри од Кабинетот, вклучително и министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич, се заканија дека ќе се повлечат од Владата доколку се договори целосен прекин на огнот.
Анкетата, исто така, покажа дека 61 % од Израелците веруваат дека Армијата треба да го задржи своето присуство покрај границата со Сирија додека не се врати стабилноста. Други 25 % поддржуваат ограничено присуство, додека 14 % остануваат неопределени.
Во посебен наод, анкетата покажува дека доколку изборите се одржат денеска, опозициските партии би обезбедиле 61 од 120-те места во Кнесетот, доволно за формирање влада. Партиите кои го поддржуваат Нетанјаху ќе добијат 49 места, додека арапските пратеници ќе обезбедат 10.
Сепак, во моментов нема избори, бидејќи Нетанјаху ги отфрли повиците за гласање среде тековната војна.
Израел на 7 октомври 2023 година започна геноцидна војна врз Газа во која во брутални напади уби повеќе од 45.100 Палестинци, повеќето жени и деца.
На 21 ноември Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна во Газа.