Ayhan Şimşek
01 Ноември 2024•Ажурирај: 03 Ноември 2024
БЕРЛИН (АА) - Мнозинството Германци поддржуваат предвремени избори во услови на зголемено незадоволство од левичарско-либералната коалициска Влада на канцеларот Олаф Шолц, покажува новото истражување на јавниот радиодифузен сервис АРД, известува Анадолу.
Анкетата, објавена синоќа, покажа дека 54 отсто од испитаниците се за предвремени избори, додека 41 отсто претпочитаат актуелната Влада да продолжи со работа до следните избори, закажани за септември 2025 година.
Задоволството од коалициската Влада на канцеларот Шолц падна на 14 отсто, што е пад од пет отсто од почетокот на октомври. Дури 85 отсто од испитаниците изразиле незадоволство од работата на Владата.
Истражувањето покажа дека 83 отсто од испитаниците се загрижени за економската и фискалната политика и ги критикуваат постојаните несогласувања меѓу коалициските партнери на Партијата на зелените и либералните Слободни демократи (ФДП).
Зелените се залагаат за поголеми трошоци за заштита на климата и социјална заштита, додека фискално конзервативната ФДП се залага за строго почитување на лимитот на долгот. Несогласувањата меѓу коалициските партнери доведоа до долготрајни преговори за буџетот и доцнење во спроведувањето на клучните политики.
Последната анкета покажува дека коалициските партнери нема да бидат во позиција да формираат влада доколку изборите се одржат оваа недела.
Во анкетата, поддршката од гласачите за Социјалдемократската партија (СПД) на канцеларот Шолц остана стабилна на 16 отсто, додека на Зелените падна на 11 отсто. ФДП е на четири отсто, што е под прагот од пет отсто потребен за освојување пратенички места.
Конзервативната алијанса на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) ја поддржуваат 34 отсто од испитаниците. Поддршката за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) е 17 отсто, што ја прави втората најподдржана партија во земјата.