Ikrame Imane Kouachi
02 Февруари 2024•Ажурирај: 04 Февруари 2024
КУДС (АА) - Неодамнешното истражување на јавното мислење во Израел покажа дека речиси половина од Израелците сакаат да излезат на избори веднаш по стапувањето во сила на прекинот на огнот во Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Израелскиот дневен весник „Маарив“ се осврна на резултатите од истражувањето објавени денес, посочувајќи дека 45 отсто од испитаниците би сакале да одат на директни избори откако ќе се постигне прекин на огнот во енклавата.
Весникот истакнува дека 28 отсто од испитаниците претпочитаат политичката ситуација да се задржи како што е, додека 17 отсто рекле дека претпочитаат проширување на владата со вклучување на партијата предводена од Јаир Лапид, Јеш Атид, и партијата Јизраел Бејтеину предводена од Авигдор Либерман. Останатите испитаници немаа конкретно мислење.
Најновата анкета, спроведена од Институтот Лазар, на случаен примерок од 511 Израелци со проценета стапка на грешка од 4,3 %, откри дека доколку изборите се одржат тој ден, десничарската партија Ликуд на Нетанјаху ќе изгуби речиси половина од сегашните 32 места во Кнесетот (израелскиот Парламент).
Партијата за национално единство, предводена од Ганц, би добила 38 места во споредба со нејзините сегашни 12 места, со што опозицијата би обезбедила вкупно 69 места наспроти 46 што ги имаат партиите кои ја поддржуваат владата.
Анкетата покажа дека само 32 отсто од испитаниците „сметаат дека Нетанјаху е најсоодветен за премиерската функција, додека 49 отсто рекле дека членот на воениот кабинет Бени Ганц е посоодветен за таа позиција“.
За формирање влада во Израел потребна е довербата од најмалку 61 член на Кнесетот.
Несогласувањата во израелската Влада ескалираат меѓу министрите кои ја поддржуваат политиката на Нетанјаху за офанзивата на Израел врз Газа и останатите кои се обидуваат да извршат притисок за договор за да се обезбеди враќање на заложниците кои ги држи палестинската група Хамас во енклавата.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас во кој Тел Авив вели дека загинале 1.200 Израелци.
Според палестинските здравствени власти, во израелските напади од 7 октомври досега загинати се најмалку 27.131 Палестинец, главно жени и деца, а 66.287 се повредени.
Израелската офанзива остави 85 отсто од населението во Газа внатрешно раселено, акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, и 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, според Обединетите нации.