Ahmet Dursun
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ТЕХЕРАН (АА) - Верскиот поглавар на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денес изјави дека судирите меѓу Азербејџан и Ерменија треба што побрзо да завршат и на тој начин да се ослободат сите окупирани азербејџански региони, а и Ерменија да ја сочува безбедноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ајатолахот Хамнеи се обрати на нацијата по повод одбележувањето на годишнината од раѓањето на божјиот пратеник Мухамед, а во говорот ги коментираше и судирите во Нагорно Карабах и претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД).
„Војната меѓу нашите соседи ја загрозува безбедноста на регионот. Треба што побрзо да се стави крај. Треба да се ослободат сите окупирани азербејџански региони и Ерменија да ја сочува безбедноста“, порача Хамнеи.
Тој понатаму изјави дека Ерменија треба да стави крај на окупацијата на азербејџанската територија и да се врати на меѓународно признатите граници.
Коментирајќи ги денешните претседателски избори во САД, ајатолахот Хамнеи изјави дека иранската политика кон таа земја нема да се менува, без оглед на резултатот од денешните избори.
„Некои зборуваат што ќе биде ако победи едниот или другиот кандидат. Да, можно е да дојде до некои промени, но тоа нас не нè интересира. Нашата политика кон САД е јасна и концизна“, изјави Хамнеи.
Тој го критикуваше и францускиот претседател, Емануел Макрон, поради неговите контроверзни изјави за исламот и муслиманите.
„Француските власти ги поддржуваат антиисламските активности и навредувањето на божјиот пратеник Мухамед и се обидуваат да го усогласат ова со човековите права и слободи. Каква влада е таа, каква политика е тоа? Сето ова е одраз на мрачната природа на западната цивилизација“, рече Хамнеи.