Dildar Baykan Atalay
16 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) ‒ Американскиот претседател Џо Бајден ја предупреди Русија дека доколку ја нападне Украина, Соединетите Американски Држави (САД) остро ќе одговорат, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето кон јавноста за последните случувања во врска со кризата во Украина, Бајден порача дека треба да ѝ се даде секоја шанса на дипломатијата за да се реши кризата.
Додаде дека Соединетите Американски Држави биле отворени и јасни од самиот почеток за тензиите помеѓу Украина и Русија.
„САД се подготвени, без оглед на сѐ. Подготвени сме за дипломатија со нашите партнери и сојузници, како и со Русија, за да ги одржиме мирот и стабилноста во Европа. Исто така сме подготвени и за рускиот напад на Украина, што е сѐ уште многу веројатно“, рече Бајден.
Тој нагласи дека Соединетите Американски Држави секогаш биле на страната на дипломатијата.
„Мораме да ѝ ги дадеме сите шанси на дипломатијата за да успее“, рече Бајден.
Тој, исто така, се осврна на објавата на Министерството за одбрана на Русија дека некои руски војници ја напуштиле украинската граница.
„Ова би била добра вест, но сѐ уште не сме утврдиле дали некои руски воени единици се вратиле во своите матични бази. Нашите аналитичари наведуваат дека Русите и понатаму се во заканувачка позиција“, рече американскиот претседател.