Michael Gabriel Hernandez
21 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
ВАШИНГТОН
Пресудата за поранешниот полициски службеник од Минеаполис, Дерек Шоувен, може да биде огромен чекор напред во борбата на САД против систематскиот расизам, изјави американскиот претседател Џо Бајден, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шоувен беше осуден од поротата неколку часа претходно за убиство и убиство без умисла на Афроамериканецот Џорџ Флојд во мај минатата година, чија смрт беше снимена со камера на телефон од страна на случаен минувач. Видеоснимката предизвика гнев во јавноста и неколкумесечни протести во САД против полициската бруталност врз Афроамериканците.
Американскиот претседател Џо Бајден истакна дека со ова убиство целиот свет го виде систематскиот расизам. Бајден ова го изјави во Белата куќа, откако потпретседателката Камала Харис, првата црномуреста жена на функцијата, се обрати на нацијата.
„Систематскиот расизам е дамка на душата на нашата нација - коленото на вратот на правдата за Афроамериканците, длабокиот страв и траума, болката, исцрпеноста што ја доживуваат Афроамериканците секој ден“, рече Бајден.
Кратко пред обраќањето на Бајден, Харис изјави дека црномурестите луѓе во текот на нивната историја биле третирани помалку од човечки.
„Црномурестите луѓе се татковци и браќа, синови и чичковци, дедовци, пријатели и соседи“, рече таа. „Нивните животи мора да бидат ценети во нашиот образовен систем, во нашиот здравствен систем, во нашиот систем за домување, во нашата нација. Точка.“
Шоувен го држеше Флојд на земја притискајќи го со коленото на вратот повеќе од 9 минути, и покрај тоа што Флојд бараше помош и се жалеше дека не може да дише.
Шоувен сега се соочува со потенцијал да помине неколку децении зад решетки пред изрекувањето на казната за два месеци.
Бајден рече дека осудувањето на полицаецот, чин што го поздрави како потенцијален момент на значителна промена, испраќа порака дека никој не треба да биде над законот.
„Но, тоа не е доволно. Не може да запре тука. Со цел да се реализираат вистински промени и реформи, можеме и мора да сториме повеќе за да ја намалиме веројатноста дека трагедии како оваа ќе се повторат", рече претседателот.