Hasan Esen
21 Ноември 2015•Ажурирај: 22 Ноември 2015
БРИСЕЛ (АА) - Белгија го подигна нивото на безбедност во главниот град Брисел на највисоко ниво, денес, откако премиерот предупреди на непосредна закана, јавува Anadolu Agency (AA).
Градското метро е затворено а тешко вооружени полицајци и војници патролираат низ улиците, една недела по париските напади кога беа убиени 130 лица. Поголем број од париските напаѓачи живееле во Белгија, вклучувајќи го и оној кој сè уште е на слобода.
Премиерот Чарлс Мишел изјави дека нивото на опасност е дигнато на четврто ниво, поради „доста прецизни информации за ризикот од напад како оној што се случи во Париз“ и предупреди дека „повеќе лица со оружје и експлозиви може да извршатнапад, можеби дури и на неколку места истовремено.“
Говорејќи на прес-конференцијата во Брисел, тој ја повика јавноста да остане смирена.
Кризниот центар на Владата (OCAM) претходно изјави дека нивото на алармантност е означено со„многу сериозна закана“ во регионот на Брисел.
Во другите белгиски градови нивото на безбедност е на трето ниво.
Во соопштението, OCAM повика луѓето да се држат настрана од преполни објекти и собири, вклучително концертни сали и јавниот превоз.