Rabia İclal Turan
06 Март 2024•Ажурирај: 07 Март 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера се состана со својот катарски колега поради напорите да се постигне шестнеделен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во замена за договор за заложници, пренесува Анадолу.
Блинкен пред неговиот состанок со шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани во Стејт департментот рече дека постои „можност за непосреден прекин на огнот што може да ги врати заложниците дома, што може драматично да го зголеми износот на хуманитарна помош за Палестинците на кои очајно им треба, а исто така може да постави услови за трајно решение“.
„И на Хамас е да донесе одлуки за тоа дали е подготвен да се вклучи во тој прекин на огнот“, додаде тој.
Блинкен, исто така, истакна дека САД ќе продолжат да го притискаат Израел да ги максимизира „сите можни средства“ за да стигне хуманитарната помош во Газа и да се увери дека таа може да стигне до луѓето на кои им е потребна.
Ал-Тани, кој е премиер и министер за надворешни работи на Катар, рече дека Катар ќе продолжи да работи со своите партнери за да се оствари договор за прекин на огнот.
„Сакаме да видиме крај на хуманитарното страдање. Сакаме да ги видиме заложниците вратени со нивните семејства“, рече тој.
Во заедничката изјава, двете земји соопштија дека Блинкен и Ал-Тани се сретнале како дел од шестиот стратешки дијалог меѓу САД и Катар и разговарале за широк спектар теми, од економската и безбедносна соработка до технологијата.
Блинкен ги цени напорите за посредување на Катар за „олеснување на хуманитарната помош за цивилите во Газа и за обезбедување ослободување на заложниците, вклучително и американски државјани, задржани од Хамас“, се вели во соопштението.
САД, Катар и Египет со недели работеа на постигнување договор со кој Хамас ќе ослободи до 40 заложници, а Израел ќе ослободи некои палестински затвореници во замена за шестнеделен прекин на огнот.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека „топката“ сега е кај Хамас во врска со можниот договор за прекин на огнот.
„Тоа е во рацете на Хамас во моментов. Израелците соработуваа. Имаше рационална понуда. Ќе знаеме за неколку дена што ќе се случи. Ни треба прекин на огнот“, изјави Бајден за новинарите пред да се качи на „Ер форс уан“ во Хагерстаун, Мериленд.
Портпаролот на Хамас, Џихад Таха, рече дека „топката е во израелскиот терен“, додавајќи дека тие се „отворени за предлози и иницијативи кои се во согласност со неговиот став кој повикува на прекин на огнот, повлекување, враќање на раселените, влез на хуманитарните конвои и реконструкција“.
Тој рече дека Израел досега ги одбивал барањата на Хамас да им се дозволи на луѓето кои избегале од северна Газа да се вратат и за гаранции за долгорочен прекин на огнот и целосно израелско повлекување од Газа.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври. Во израелското бомбардирање што следуваше загинаа 30.631 лице и беа повредени 72.043 други со масовно уништување и недостиг на неопходни работи.
Според Обединетите нации, израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика постојан недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира влез на хуманитарната помош за цивилите во Газа.